Официјална Москва денеска побара од властите во Дамаск да им дозволат на инспекторите на ОН, кои се наоѓаат во Сирија, да ги истражат најновите обвинувања на опозицијата дека сириските сили употребиле хемиско оружје врз цивили.
Претставници на сириската опозиција тврдат дека ноќта меѓу вторникот и средата „режимот на Асад“ извршил напад со хемиско оружје во реонот на Дамаск, убивајќи „неколку стотици луѓе“.
Во посебно соопштение на руското Министерство за надворешни работи се истакнува дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џим Кери се согласиле дека една објективна истрага е неопходна за да се утврди вистината.
Според руското министерство, сириските бунтовници ќе мора им дозволат на инспекторите на ОН „безбеден пристап“ до местата на кои се тврди дека бил извршен напад со хемиско оружје.
Белата куќа во Вашингтон во меѓувреме соопшти дека САД бараат потврда за тоа дека такво оружје било навистина користено во Сирија.
Опозицијата и бунтовниците досега шестпати тврдеа дека сириската армија користи хемиско оружје од кое страдаат цивили, но досега нема независна потврда дека тоа навистина се случило.