Најмалку десет лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во руски напад со балистички проектил, при што била погодена изложба на оружје.
Советникот на украинскиот претседател, Серхиј „Флеш“ Бескрестнов, за Kyiv Independent изјави дека настанот се одржувал на полигон во близина на Киев, покрај автопатот Житомир, и дека меѓу присутните има загинати и повредени.
Подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи објави дека загинале најмалку шест лица, додека „повеќе десетици“ се повредени. Тој не наведе каде точно се случил нападот, ниту каков настан се одржувал во тој момент.
Главниот државен обвинител Руслан Кравченко подоцна ги ревидираше податоците и соопшти дека загинале најмалку десет лица, а „повеќе од 100 лица се повредени“.
Кравченко потврди дека Канцеларијата на главниот државен обвинител води истрага во рамки на кривична постапка покрената согласно член 438 од Кривичниот законик на Украина, кој се однесува на кршење на законите и обичаите на војување.
Истовремено е покрената и кривична постапка според член 367, став 3 од Кривичниот законик на Украина, поради можна несовесна организација и извршување на службените должности при подготовката и одржувањето на настанот, што довело до смртни случаи и други тешки последици.
„Војната никого не го ослободува од одговорност за донесените управувачки одлуки. Напротив, бара највисоко ниво на професионалност, претпазливост и одговорност на секој чекор. Истрагата ќе утврди кој донел одлука за одржување на настанот, кој ја одобрил неговата локација, време и формат, какви безбедносни мерки биле предвидени и дали ризиците биле правилно проценети во услови на воена состојба“, соопшти Кравченко.
Украинскиот Совет на одбранбената индустрија преку социјалните мрежи соопшти дека „непријателскиот ракетен напад се случил во Киевската област, на локација каде што биле присутни претставници на украинската одбранбена индустрија“.
„Изразуваме искрено сочувство до семејствата и најблиските на загинатите, а на повредените им посакуваме што побрзо закрепнување“, наведоа од Советот.
„Ги повикуваме сите да се воздржат од објавување фотографии или снимки од местото на настанот, податоци за геолокацијата, информации за жртвите, вклучените компании или какви било други детали што би можеле да ја загрозат безбедноста на луѓето, работата на одбранбените сили или текот на истрагата“, додаваат тие.
„Украинскиот Совет на одбранбената индустрија не учествуваше во организацијата на овој настан. Сепак, постојано сме во контакт со колегите и ја обезбедуваме сета потребна помош“, истакнаа од Советот.
Набргу на украинските социјални мрежи се појавија прашања за безбедносните мерки поврзани со организацијата на настанот. Се споделуваа фотографии од летоци со кои се рекламирала изложбата, како и покани со линкови за регистрација, преку кои потенцијално можело да се дојде до информации за точната локација на одржувањето.
„Не знам ни како да го коментирам ова… Што уште треба да се случи за конечно да стане јасно какви последици можат да имаат ваквите постапки?“, објави еден популарен Телеграм-канал што ги следи случувањата поврзани со војната.
Сирените за воздушна опасност се огласиле околу 11:20 часот по локално време, откако украинските воздухопловни сили соопштиле дека руски проектили се движат кон главниот град. Неколку минути подоцна, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, известил за експлозии во градот.
Нападот се случи во период кога Русија ги интензивира масовните ракетни напади врз Киев. Само на 19 јули, Русија во текот на една ноќ истрела 25 балистички проектили кон Киев, што Зеленски го опиша како еден од најголемите масовни напади со ваков вид оружје од почетокот на целосната руска инвазија.
Покрај редовната употреба на балистичките ракети „Искандер“ и различни крстосувачки ракети, вклучително и хиперсоничните ракети „Циркон“, Русија, според достапните информации, почнала да користи и ракети од противвоздушниот систем С-400, пренаменети за напади врз цели на копно.
