Рускиот претседател Владимир Путин од Анкара порача дека го стопира гасоводот „Јужен поток“ со оглед дека наиде на пречки ос Европската Унија.
-Земајќи го во предвид фактот дека досега не добивме дозвола од Бугарија, веруваме дека во актулените услови Русија не може да продолжи со реализација на овој проект, изјави Путин на заедничката прес конференција со турскиот претседател Таип Ердоган во Анкара.
Како што пренесува Ројтерс, Путин кажа: „Ако Европа не сака да се реализира Јужен поток, тогаш тој не мора да биде реализиран“.
Тој кажа дека Москва ќе ја зголеми испораката на гас во Турција и дека би можело во соработката со оваа земја да се формира Центар за резерви на природен гас на границата со Грција.
Рускиот претседател рече дека рускиот нафтен гигант Гаспром одлучил да ја зголеми испораката за три милијарди кубни метри гас на Турција за да се задоволат потребите на таа земја.
Цената на природниот гас за Турција како што најави Путин, ќе биде намалена за шест проценти.