Два танкери со вкупно 42.000 тони дизел гориво се доставени во декември во Сирија, изјави Паоло Кањони, сопственик на бродската компанија „Медитеранеа ди навигациони“, која ги извршила испораките.
Кањони одби да ги соопшти имињата на фирмите, кои ги најмиле танкерите, како и примачот во Сирија. Според него, ниту една од компаниите, кои учествувале во зделките, не се објект на санкциите на ЕУ, воведени во март. Нема и податоци дека зделката е извршена со одобрение на Кремљ.
Двата танкери биле натоварени во Русија и доставени во сириското пристаниште Бањас, кое е под контрола на режимот во Дамаск.
Тоа се првите поголеми количини гориво, кои Сирија ги добила со месеци наназад. Како последица на санкциите воведени од ЕУ, во Сирија се чувствува недостиг на дизел гориво за индустриските претпријатија, за армијата, за електроцентралите и за затоплување на домовите. Во октомври Иран достави еден танкер дизел гориво на сирискиот режим. Околу седум илјади тони беа доставени со мали бродови од Грузија и Либан.