Русија даде гаранции за лекување на Ратко Младиќ во Москва

Од:

Русија му дала официјална гаранција на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија за времено ослободување на поранешниот командант на Армијата на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, со цел да замине на лекување во Москва, објави белградскиот весник „Вечерње новости“.

Според неофицијални информации на кои се повикува весникот, адвокатите на Младиќ вчера поднеле барање до Хашкиот трибунал на нивниот клиент да му биде дозволено да замине на лекување во Русија.

Весникот посочува дека Москва веќе му дала гаранции на Трибуналот дека Младиќ нема да исчезне или да избега и дека по завршеното лекување ќе биде вратен во Хаг.

Според извори од Судот, на почетокот на март Младиќ имал сериозни здравствени проблеми поради што биле повикани лекари од Русија за да го прегледаат. Тие притоа констатирале дека холандските лекари кои се грижеле за здравјето на Младиќ, направиле пропусти во лекувањето и затоа препорачале тој итно да биде префрлен на болничко лекување, бидејќи, според нив, во затворот нема услови за потребниот медицински третман.

Седумдесет и петгодишниот Младиќ, кој има срцеви проблеми, за време на претстојот во затворот во Хаг преживеа еден инфаркт и неколку послаби удари, поради што неговата здравствена состојба е драстично влошена.

Хашкото обвинителство го товари Младиќ за геноцид, принудно иселување на цивили, масовни убиства, депортации и злосторства против човештвото за време на Војната во Босна и Херцеговина во првата половина на 90-те години на минатиот век.

Меѓу останатото, Младиќ е обвинет и за убиство на над осум илјади муслимани за време на масакрот во Сребреница.

Би можело да ве интересира

Падни пред нозете на Американците и капитулирај

САД подготвуваат резолуција за Украина: ЕУ ја смета за контроверзна, Русите ја сметаат за одлична

Украина: Русија сака да прогласи победа на 24 февруари

Лукашенко: Не исклучувам обид на САД да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина

Ројтерс: Русија би можела да и предаде на Украина замрзнати средства во вредност од 300 милијарди долари

Лавров: Помошта за Украина се обезбедува врз основа на кражба на руски имот и на штета на развојот