Американскиот републикански сенатор Марко Рубио го повика претседателот на САД, Доналд Трамп да „одговори на сите прашања кои ги интересираат Американците“, поврзани со случаите и истрагите за „руската врска“ во ланската претседателска изборна кампања.
Изјавата на Рубио доаѓа по реакцијата на Трамп дека истрагите им наштетуваат на САД и дека поставувањето специјален советник за истрагите, претставува пример за „лов на вештерки“ каков, според него, немало досега во американската историја.
Рубио ги отфрла како неточни таквите квалификации на Трамп и смета дека „не станува збор за никаков лов на вештерки“.
– Мислам дека (претседателот Трамп) зборува така затоа што се покренуваат прашања, кои мора да бидат до крај разјаснети, изјави сенторот Рубио.
Тој смета дека американската јавност мора да дознае дали Русија се обидувала да се меша во изборите во САД, како и колкумина од тимот од кампањата на Трамп и кои од нив, контактирале со руски официјани личности и за кои работи се разговарало.
Марко Рубио е сенатор на Флорида од Републиканската партија. Тој е дете на родители Кубанци кои имигрирале од Куба и се населиле во САД. Во партијата важи за политичка ѕвезда во подем.
Тој учествуваше во кампања за избор на републикански претседателски кандидат, како еден од фаворитите, заедно со Џеб Буш и со сенаторот од Тексас, Тед Круз.
Сите тројцата имаат врски со латиноамериканската етничка заедница, Рубио и Круз како деца на родители Кубанци, а Буш, помладиот брат и син на поранешните претседатели на САД, е оженет за Мексиканка. Тројцата отпаднаа од трката во текот на прелиминарните избори.
Рубио, кој досега не се изјаснуваше за постапките на претседателот Трамп. овој пат изјави дека „луѓето го добија она за што гласаа“.
Несогласувајќи се со некои од одлуките и решенијата на актуелната Администрација во Вашингтон, тој му порача на Трамп дека САД „мора постојано да се спротивставуваат на секој пример на насилство врз човековите права секаде во светот“, не споменувајќи каде и во кој случај не се испочитувани овие принципи на американската политика.
Рубио и Круз не се согласуваат со одлуката на претходниот претседател Барак Обама за обнова на дипломатските односи на САД со Куба.