Роднините на Британците кои беа убиени во терористичкиот напад во Тунис во 2015 година, ја тужат туристичката компанија ТУИ – соопшти во Лондон, правниот застапник на повеќето од семејствата.
Ваквата одлука е донесена откако истрагата на судијата- коронер, што беше спроведена во лондонскиот Кралски суд на правдата, заклучи дека сите убиени се жртви на вооружен убиец, во хотел, во тунискиот град Сус, при што целосно потфрлило обезбедувањето за странските гости.
Во нападот извршен во јуни 2015 година, зад кој подоцна застана џихадистичката група Исламска држава, на хотелската плажа во туристичкиот комплекс Порт Ел Кантауи, беа убиени 38 лица, од кои 30 беа Британци.
Сите жртви беа на одмор во организација на компанијата ТУИ и нејзиниот британски дел „Томсон“.
Истрагата утврдила дека сите биле уверувани дека Тунис и одморот во оваа северноафриканска земја е „безбеден„ иако масакрот на хотелската плажа во Порт Ел Кантауи, беше извршен само три месеци по терористичкиот напад во тунискиот музеј „Бардо“ каде беа убиени 24 лица, во најголем број странски турсити од Франција и Италија.
Судијата- коронер заклучил дека однесувањето на безбедносната служба во хотелот и на плажата, како и на туниската полиција, било „глумење безбедносна служба и кукавичлук„ затоа што некои од преживеаните сведочеле во постапката дека ги виделе стражарите како бегаат, кога почнало со пукањето.
Дури еден час по првите жртви меѓу странските туристи, домашната полиција успеала да го запре убивањето, ликвидирајќи го тешко вооружениот терорист – еден туниски студент.
Британскиот Форин Офис, веднаш по терористичкиот напад во музејот „Бардо„ го прогласи Тунис за опасна зона и побара од Британиците никако да не патуваат во оваа земја, доколку за тоа немаат некоја неодложна потреба, но туристичката индустрија не престана да испраќа туристи во оваа земја.
Во своето соопштение, претставник на ТУИ изјави дека компанијата длабоко жали за она што се случи пред безмалку две години во околината на градот Сус, но не прифака дека имало негрижа и немарност кон туристите.
Во Тунис, кој пред соборувањето на претходната власт и т.н. „арапска пролет“ годишно го посетуваа над 400 илјади Британци, сега никој не сака да летува или да се одмара во оваа земја, иако тамошните власти уверуваат дека таму е „100 отсто безбедно“.
Министерството за надворешни работи во Лондон и натаму порачува да не се патува во Тунис, затоа што е голема заканата од терористички напад.
Мултинационалната компанија ТУИ и нејзиниот британски дел „Томсон“ со седиште во Хановер, во Германија, се најголемата туристичка компанија во светот.