Нови Лист – Риека
Работниците работат по 15 часа на ден, по 12 живеат во една соба, добиваат ќотек ако штрајкуваат. Сето тоа бидејќи Гугенхеим одби да ги гарантира правата за своите работници.
Нечовечките услови за работа на работниците мигранти во Абу Даби веќе со години се на удар на делувањата на синдикатите и организациите за заштита на човековите права.
Ропството и во 2015 година е живо и здраво. Минатата недела тоа го порача Меѓународната конфедерација на синдикатите ITUC покренувајќи на своите мрежни страници петиција против ропскиот труд. Тешко е да се поверува, наведе ITUC, но во центарот на приказната е светски познатиот Гугенхеим.
Со новиот музеј кој го гради во Абу Даби, Гугенхеим влезе во регионот познат по злоупотреба и искористување на работниците. Така и за своите работници не успеа да ги загарантира основните права.
Од почетокот на април ITUC, чија цел е на сите спонзори на новиот музеј на Гугенхеим да им покаже што навистина се случува со работниците кои се важна алка на тој иден културен центар, ја поддржаа над 900 потписници.
Поттик за петицијата е собирање на донација за Гугенхеим што го организира модната куќа Диор кон крајот на минатата година. Светски познати ѕвезди за учество во Диоровата акција плаќале 75.000 долари за маса, а зад целиот тој сјај се наоѓаат работници кои работат за седум долари дневно.
– Но, човековите права не се како парфем, искористувањето не може да се замаскира – наведе ITUC, повикувајќи ги работниците во светот да ја поддржат петицијата. На Диор се порачува дека ропството смрди, а таа порака се праќа и на други големи донатори на музејот во изградба, како Хуго Бос, Самсунг, Филипс.
А тие работници работат по 15 часа на ден, по 12 од нив живеат во една соба, добиваат ќотек ако штрајкуваат. Сето тоа, бидејќи Гугенхеим одби да им ги гарантира основните права за своите работници. Нечовечките услови на работа за работниците мигранти во Абу Даби веќе со години се на удар на делувањето и на синдикатите и на организациите за заштита на човековите права.
И изградбата на новиот културен комплекс во кој ќе биде и музејот на Гугенхеим, веќе со години внимателно се следи, а нивните глобални акции ги натераа изведувачите на работите макар малку да ги подобрат условите за ангажирање на работниците. Но, сето тоа е недоволно и ни од блиску на достоинствена работа.
ITUC и Гулф Лејбор, коалиција на меѓународни уметници, овие денови укажаа дека во официјалниот работен логор во Абу Даби се наоѓаат неколку илјади работници. Тие се сегрегирани, под полициски час и под надзор на чувари.
– Луѓето се третирани како во кокошарник. Заклучени се. Под стража. Излегуваат во 5:30 или 6:00 часот, а се враќаат во 18 или 19:00 часот навечер, ако се присилени да работат прекувремено, што често не им е платено – рече за Гвардијан Шарон Буров, генерална секретарка на ITUC.
Активистите на Гулф Лејбор, пак наведуваат дека работничкиот камп е недостапен за пешаци и работниците можат само да патуваат со службени автобуски линии. На работниците им е дозволен пристап само до блоковите во кампот во кои се сместени, полицискиот час почнува во 22:00 часот, а на работниците кои ќе задоцнат вратата на кампот е заклучена. Слични кампови се наоѓаат и во други делови на Обединетите Арапски Емирати.
Хјуман Рајтс Воч пред еден месец објави извештај за присилната работа на мигрантите во Абу Даби. Активист на Гулф своите најнови наоди за ропската работа ќе ги претстави во јуни на овогодишното Венециско биенале.
Меѓународната организација за труд исто така ги следи условите под кои работниците мигранти работат во ОАЕ, но за жал, ропскиот труд тешко ќе се искорени.