Сè поголем е отпорот во САД против одлуката на претседателот Доналд Трамп привремено да ѝ дозволи на Русија да извезува дизел на светскиот пазар. По критиките од демократите, против договорот се кренаа и републиканци, а 12 сенатори од двете партии со заедничко писмо побараа од Трамп да го поништи договорот со рускиот претседател Владимир Путин, објави CNBC.
Сенаторите бараат да се повлече аранжманот што ѝ овозможува на Русија до средината на април да продаде 4,8 милиони метрички тони дизел, односно речиси 36 милиони барели.
„Овој договор е подарок за нашиот противник и предавство на нашите сојузници. Мора да биде повлечен“, се наведува во писмото. Белата куќа засега не го коментирала барањето.
Писмото го потпишаа републиканските сенатори Том Тилис од Северна Каролина, Сузан Колинс од Мејн, Алан Армстронг од Оклахома, Лиса Мурковски од Алјаска, Мич Меконел од Кентаки и Џон Корнин од Тексас.
Армстронг влезе во политиката од енергетскиот сектор, каде што претходно беше директор на компанијата „Вилијамс компаниc“. На нив им се приклучија и демократските сенатори Ричард Блументал, Џин Шахин, Ричард Дурбин, Крис Кунс, Шелдон Вајтхаус и Џек Рид.
Дел од републиканските потписници, меѓу кои Колинс, Мурковски и Тилис, уште во неделата објавија заедничка изјава со демократите, во која го повикаа Трамп да не му обезбедува финансиски спас на Путин додека Русија продолжува да убива украински цивили. На изјавата ѝ се приклучи и републиканскиот сенатор Џон Кертис од Јута.
Трамп го објави договорот за рускиот дизел минатиот петок, по телефонскиот разговор со Путин. Одлуката предизвика невообичаено остра реакција од украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија земја се потпира на американската воена помош. Трамп возврати со критики и порача дека Украина треба да избере нов претседател.
Трамп тврди дека договорот ќе помогне рекордно високите цени на дизелот брзо и значително да се намалат. Нафтените аналитичари, сепак, сметаат дека руските испораки нема да бидат доволни за посериозно намалување на цените, а со ваквата процена се согласуваат и 12-те сенатори.
Во писмото тие наведуваат дека договорот „нема да ги постигне оправданите цели, ниту ќе им користи на Американците“.
„Овозможувањето на дизелот со руско потекло да се пласира на светските пазари ќе им донесе мала или никаква корист на Американците. Влијанието врз цените на горивата ќе биде занемарливо, но приходите што Кремљ ќе ги добие од овој договор несомнено ќе ја финансираат неговата намера да води исцрпувачка војна и ќе ја унапредат безбедносната соработка со Кина, Иран и Северна Кореја“, предупредуваат сенаторите.
Тие посочуваат и дека договорот е во спротивност со двопартискиот закон за санкции против Русија, кој Трамп го потпишал само неколку недели претходно. За да го спроведе договорот со Путин, американскиот претседател морал да укине дел од постојните санкции.
„Овие овластувања ви налагаат да извршите економски притисок врз Русија и главните поддржувачи на нејзината војна, особено Кина, со што ќе ја зајакнете вашата преговарачка позиција за брзо завршување на овој разорен конфликт“, се наведува во писмото.
„Путин е тиранин. Повлечете се од овој договор, поништете ја Општата лиценца број 135 и искористете ги овластувањата што ви ги дава Законот на Линдзи О. Греам за санкционирање на Русија и Иран од 2026 година“, побараа сенаторите.
Тие го завршуваат писмото со повик Трамп да го зачува американското наследство и обврската на САД како предводник на слободниот свет.
Трамп, сепак, останува на својата одлука.
„Ја донесов вистинската одлука за американскиот народ – СЕКОГАШ, АМЕРИКА НА ПРВО МЕСТО!“, напиша тој во понеделникот на социјалната мрежа Truth Social.
