Околу 70 килограми хероин, кои пристигнале од Мексико, биле конфискувани во њујоршкиот кварт Бронкс, јавија американските медиуми.
Ова е најголемата пратка на хероин која некогаш е запленета во градот и е рекордно количество за целата држава Њујорк. Пазарната цена на дрогата изнесува 50 милиони долари.
Во полициската акција биле уапсени две лица, меѓу кои Хозе Мерседес, за кого се претпоставува дека е шеф на шверцерската мрежа. При претрес на нивните домови пронајдено е огнено оружје и два милиони долари.
Дрогата била сокриена во автомобил, паркиран на приватен паркинг во близина на еден парк во Бронкс, покрај едно од најпознатите приватни училишта во градот.
Хероинот бил спакуван во 70 пакети со натпис „Ролекс“ во багажникот од автомобилот, каде биле пронајдени и 24.000 долари во готовина.
Полицијата објаснила дека ова количество на хероин е четврто по големина кое е конфискувано во САД.