Се проценува дека 2012 година ќе биде рекордна кога станува збор за глобалната продажба на автомобили.
За првпат во историјата се очекува бројот на продадени нови возила во светот да надмине 80 милиони примероци.
Бројот кој се споменува ќе биде остварен пред се’ благодарение на продажниот бум во САД и Јапонија. Во овие земји во 2012 година дошло до заздравување на автомобилскиот пазар по економската криза во САД, односно цунамито во Јапонија.
Во 2012 година најмногу профитирале трите најголеми светски произведувачи, Тојота, Џенерал Моторс и Волксваген, кои се борат за приматот шампион на светскиот автомобилски пазар.
Моментно, најмногу шанси годината да ја заврши на првата позиција по бројот на продадени возила има Тојота. Јапонскиот произведувач сосема се извлече од проблемите во кои западна во текот на 2011 година по земјотресот и разорното цунами што ја погоди оваа азиска држава.
Во првите три квартали, Тојота ширум светот пласирала 7,4 милиони автомобили. Следи Џенерал Моторс со 6,95 продадени примероци, а веднаш зад него се наоѓа Волксваген групата со 6,9 милиони испораки.