(РЕКОНСТРУКЦИЈА) Трамп ја призна замената, го префрлиле со камион за храна од еден во друг авион

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека минатиот месец, при заминувањето од самитот на НАТО во Турција, тајно бил префрлен во друг авион поради можна безбедносна закана.

Откритието следуваше по медиумските наводи дека Трамп на 8 јули пред камерите се качил во „Air Force One“, но потоа тајно бил префрлен во друг воен авион, објави Би-би-си.

„Ги слушам Тајната служба и војската. Сакаа да одам со друг лет, со друг авион“, им изјавил Трамп на новинарите.

„Едноставно морам да го правам она што ми го кажуваат“, додал тој.

Тајната замена на авионот отвори прашања дали лицата кои останале во авионот-мамка биле изложени на опасност. Трамп во вторникот изјави дека воениот авион во кој бил префрлен бил под „поголем ризик“.

Разузнавачки информации за иранска закана

Американски претставници изјавиле за CBS News дека САД имале информации за сериозна иранска закана со ракетен напад врз авионот.

„Њујорк тајмс“ објави дека американските разузнавачки служби имале информација дека во близина на местото на одржување на самитот било забележано лице со рачен ракетен фрлач.

Новинарите и дел од персоналот на Белата куќа кои патувале во првичниот авион не знаеле дека претседателот тајно бил префрлен во рамки на безбедносната операција.

Трамп и претходно изјавуваше дека за време на самитот во Анкара бил „мета број еден“ на Иран.

„Изгледа дека постоела некаква закана“, изјави Трамп во вторникот за време на посетата на Охајо.

„Не се распрашував премногу за тоа. Постојано добивам закани“, додал тој, велејќи дека добива „многу закани за кои никој ни не знае“.

Како била изведена тајната замена

Маневарот бил изведен еден ден откако САД продолжиле со воените напади врз Иран, по пропаѓањето на преговорите меѓу Вашингтон и Техеран за завршување на војната.

Трамп во Турција пристигнал со поновиот „Боинг 747-8“, кој го донираше Катар, но најавил дека ќе замине со постариот „Air Force One“, како што рекол, „за старите времиња“.

Снимките од 8 јули покажуваат како Трамп се качува во претседателскиот авион на аеродромот во Анкара. Сепак, според „Вашингтон пост“, тој потоа тајно излегол од авионот во камион за достава на храна, кој бил подигнат до нивото на вратата на спротивната страна од онаа на која се качил.

Од таму бил префрлен во помал воен авион C-32A, модифициран „Боинг 757“ кој често го користи потпретседателот.

Министерот за одбрана Пит Хегсет во C-32A се качил одделно, преку надворешни скали, за операцијата да изгледа како рутинско патување.

Новинарите и дел од персоналот на Белата куќа се качиле во „Air Force One“ и добиле инструкции да ги спуштат ролетните на прозорците. Тие не знаеле дека претседателот повеќе не е во авионот.

Инаку, „Air Force One“ технички е повикувачки знак за секој авион во кој се наоѓа американскиот претседател.

Во авионот останале Рубио и други функционери

Во овој случај, воениот C-32A го користел повикувачкиот знак „Reach 18“, додека авионот со новинарите продолжил да лета со ознаката „AF1“, со цел да се одржи забуната.

Во првичниот авион останале членови на кабинетот на Трамп. Според „Њујорк тајмс“, меѓу нив биле државниот секретар Марко Рубио и министерот за финансии Скот Бесент.

Трамп потоа отпатувал во Велика Британија на пат кон САД. Таму повторно се качил во постариот „Air Force One“, а бил снимен како излегува од авионот по слетувањето во базата на Кралските воздухопловни сили „Милденхол“.

Не е познато како точно бил изведен трансферот од воениот C-32A назад во постариот претседателски авион.

Потоа Трамп се префрлил во новиот „Air Force One“, дониран од Катар, со кој се вратил во Вашингтон.

За време на летот кон Вашингтон, Трамп разговарал со новинарите и ги споменал иранските закани, но не открил детали за тајната промена на авионот.

На прашањето зошто новинарите на летот од Турција морале да ги спуштат ролетните, тој одговорил:

„Затоа што веројатно сте на опасен лет поради гадовите со кои имаме работа.“

Тој повторно изјавил дека неговиот живот постојано е во опасност и дека е „број еден“ на иранската листа.

Хозе Замора, регионален директор на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), изјави дека администрацијата на Трамп има „одговорност да обезбеди новинарите кои го следат претседателот да не бидат непотребно изложени на опасност“.

„Новинарите треба да бидат информирани за сериозни безбедносни закани за да можат да донесат информирани одлуки за сопствената безбедност“, додаде тој.

Би можело да ве интересира

Судијка ја прошири забраната за уредбата Трамп за гласање по пошта на цела САД

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Експлозии регистрирани на иранскиот остров Кешм, американската војска има ограничени залихи на некои видови оружје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Трамп се обидува да го укине „породилниот туризам“

Биби му рече „не“ на Трамп

„Фајненшл тајмс“: Трамп e заглавен помеѓу војната и договорот со Иран

Горан Наумовски

ВИДЕО: Детали од планот за отворање на Ормутскиот теснец