Главниот град на Чешка остана без градоначалник откако Градскиот совет на денешната седница го отповика Бохуслав Свобода, јави дописникот на МИА од Прага.
Ова е резултат на одлуката и гласањето на советниците на партијата ТОП 09, која е најмала партија во владината трипартиска коалиција да ја прекине коалицијата со Граѓанската демократска партија (ОДС) на општинско ниво.
Како причини беа наведени несогласувања во Советот и наводна неспособност на ОДС да управува со некои области, особено во сообраќајот, финансиите и имотот. ОДС во советот на Прага за прв пат е во опозиција по повеќе од 20 години.
Според партијата овој чекор на коалициониот партнер е „без преседан“. За актуелниот претседател на партијата и премиер, Петр Нечас тоа е „лош чекор кој укажува на тенденција на ТОП 09 да се занмава со политиканство“. Нечас додаде дека не е исклучена можноста оваа партија тоа да го направи и во Владата.