По првото дете никој не ни трепна; по 50 немаше ни благ потрес на авионските крила; по 100, престанаа да бројат; по 200 го обвинија Хамас.
По 300, ги обвинија родителите, По 400 дете, смислуваа изговори; по првите 478 деца повеќе на никого не му е гајле.
Потоа следеше првото наше дете и Израел се шокираше. Навистина, срце се кине кога гледате фотографија на 4 годишниот Данијел Трагерман, убиен во петокот вечерта во својата куќа во Шар Ханегев. Убаво дете, кое порано се фотографирало во аргентински фудбалски дрес во сино-бела боја, со број 10. Кое срце не би се скршило над таа фотографија и кој не би заплакал како детето е криминално убиено. – Хеј Лео Меси, погледни го тоа дете – пишуваше во една порака на Фејсбук. – Ти му беше херој.
Одеднаш смртта има лице и сонливи сини очи и светла коса. Малечко тело кое никогаш нема да порасне. Одеднаш смртта на малото дете има некое значење, одеднаш е шокантна. Тоа е човечки, разбирливо и потресно. Човечки е убиство на израелско дете, наше дете, да поттикне посилно поистоветување од смртта на туѓо дете. Она што е несфатливо е израелскиот одговор на убиството на нивни деца.
Во свет каде има барем малку добрина, децата би биле исклучени од суровите игри наречени војни. Во светот каде има барем малку добрина, би било неможно да се сфати тотална, речиси монструозна безчувствителност, пред убиство на стотици деца, не наши, но од наша рака. Замислете ги дека стојат во ред: 478 деца, во завршна колона на смртта. Замислете ги како носат маици на Меси, како нашиот Данијел од Кибуц. Но, нив никој не ги гледа; нивните лица не се гледаат, никој не е шокиран од нивната смрт. За нив никој не пишува: – Хеј, Меси, погледни го тоа дете. Хеј Израеле, погледни ги тие деца.
Челичниот ѕид на порекнување и нечовечност ја штити Израел од срамното дело од нивните раце во Газа. И навистина, тешко е да се сварат овие бројки. За стотици убиени мажи може да се тврди дека биле вмешани, за стотици жени дека биле живи штитови. За мал број на деца, може да се каже дека најморалната војска на светот немала намера да ги убие. Но, што да се каже за речиси 500 деца? Дека ИДФ не сакал намерно, 478 пати?
Дека Хамас се криел зад нивниот грб? Дека затоа нивното убивање е легитимно?
Можеби Хамас навистина се криел зад некои од тие деца, но сега Израел се крие зад Данијел Трагерман. Неговата судбина веќе се користи за забошотување на сите гревови на ИДФ во Газа. На радио зборуваа за убиството. Премиерот убиството го нарече терор, но стотиците деца во Газа во своите нови гробови не се жртви на убиство и терор. Израел морал да ги убие. И на крај на краиштата, што се Фади и Али и Ислам и Разек, Махмуд, Ахмед и Хамуди, во споредба со нашиот еден и единствен Данијел.
Мора да ја признаеме вистината: палестинските деца во Израел се сметаат за инсекти. Тоа е страшна изјава, но нема друг начин да се опише атмосферата во Израел во летото 2014 година. Кога за шест недели беа убиени повеќе стотици деца; нивните трупови се закопани во урнатини; се трупаат во мртовечниците, понекогаш дури и во ладилници бидејќи нема друг простор; кога нивните занемени родители ги однесуваат телата на своите деца како најприродна работа, кога нивните погреби се менуваат, 478 пати – дури ни најбезчувствителниот Израелец не може да остане рамнодушен. Некој тука мора да стане и да викне: ДОСТА. Силните оправдувања и објаснувања нема да помогнат. Не постои дете кое смее да се убие и дете кое не смее да се убие. Тоа се само деца убиени за ништо, стотици деца чија судбина не допира до никого во Израел. И едно дете, само едно, околу чија смрт луѓето се обединуваат во жалоста.
Хаерец – Етусалим