Околу 45 земји и институции ќе учествуваат денеска на донаторска конференција во Париз, каде што треба да се обврзат дека ќе и дадат милиони евра помош на Молдавија, бидејќи расте стравот дека таа може дополнително да се дестабилизира поради конфликтот во Украина.
Молдавија, која се наоѓа меѓу Украина и Романија, ги почувствува последиците од зголемувањето на цените на храната и енергијата, како и приливот на илјадници бегалци кои пристигнуваат во земја со околу 2,5 милиони жители.
Во голема мера зависна од снабдувањето со енергенси од Русија, Молдавија се соочува со поголеми тешкотии со доаѓањето на зимата, а Москва го намалува снабдувањето со природен гас за околу 40 отсто, што влијае на снабдувањето со доволно електрична енергија за населението.
„Молдавија е директно погодена, бидејќи зависи од руските енергетски испораки и е земја која има дел од својата територија под контрола на руски војници, па затоа е особено ранлива“, изјави француски дипломат.
Помошта ќе биде искористена за поддршка на буџетот на Молдавија и снабдувањето со електрична енергија, како и за трошоците за домување на илјадници украински бегалци.
Извор: МИА