Вратите на НАТО се отворени за нови членки и ако некоја земја има аспирации да ни се приклучи и ги исполни потребните реформи, тогаш ќе и помогнеме да мине низ тие врати и ниту една трета страна не ќе може да стави вето на таквата одлука.
Ова е пораката на генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен, при неговиот денешен говор пред Институтот “Карнеги Европа” во Брисел, по повод заминувањето од секретарската функција во најголемата военополитичка оганизација во светот.
Како што јави дописникот на МИА од Бризел, според Расмусен, кој на крајот на овој месец ќе му го препушти своето место на Норвежанецот Јенс Столтенберг, поделената визија за Европа, која ќе ужива во мир и слобода „не може да биде целосна без интеграција на земјите од Западен Балкан”.
– Црна Гора може да биде нашиот следен важен чекор во однос на проширувањето и затоа нашата врата мора и ќе остане отворена. Тоа го кажавме јасно и на Самитот во Велс. Активно ги поддржуваме партнерите во Европа во нивната намера да изберат свој пат. Ги чуваме отворени вратите на НАТО за нови членки и ќе им помогнеме на партнерите да минат низ таа врата, ако ги направат потребните реформи и ниту една трета земја не може да стави вето на тоа, порача Расмусен.
Генералниот секретар на Алијансата нагласи дека НАТО мора да ја подобри можноста да партиципира во менаџирањето на меѓународните кризи, истакнувајќи дека заканата од Исламската држава (ИД) бара воен одговор и потребно е да се порази терористичката организација.
Според Расмусен, слободата не доаѓа бесплатно и треба да се засили глобалната заедница од слободни општества кои се посветени на демократија, пазарна економија, владеење на правото, човекови права и почитување на меѓународниот мир.
– Мора да ја засилиме посветеноста кон обезбедување на светската безбедност, да стоиме зад фундаменталните принципи, да го браниме меѓународен мир. Со декади, светот профитираше од либералниот меѓународен ред на држави. Последните настани покажаа дека слободата, демократијата и мирот не може да се земат за сигурно, туку ние треба да се бориме за слобода и да ја браниме. Да користиме мека и силна сила, да ги штитиме и промовираме нашите вредности, порача Расмусен.
Тој истакна дека НАТО е единствената рамка, каде 28 демократии од Северна Америка и Европа, реагираат секој ден да ја осигураат заедничката безбедност. – По 20 години од предизвикувачки операции, имаме најможна поврзана сила во историјата и сме во центарот на белата мрежа на безбедносни партнерства со земји и организации ширум светот, рече данскиот политичар.
Според Расмсуен, веќе не е прашање дали и зошто е потребно постоењето на НАТО, туку сега е прашање за „повеќе НАТО“ со цел да се засили меѓународниот ред и да се остане обединети во годините кои доаѓаат.
На прашањето зошто инсистира на воена акција против ИД, но не и против Русија за случувањата во Украина, Андерс Фог Расмусен истакна дека е фер да се каже дека воскреснувањето на ИД, организација што тој не сака да ја нарекува држава оти тоа не е, станало очигледно последните месеци.
– Ова е причина зошто меѓународната заедница сега превзема акција. Се разбира, актите, убиствата на новинарите од САД и Велика Британија влијаеа, но и убиствата на илјадници луѓе во Ирак и Сирија. Но, напорите против ИД не го одвлекуваат вниманието од Истокот оти ние можеме да се бавиме со повеќе безбедносни предизивци, без разлика дали се на Исток или на Југ и тоа е важен заклучок од Самитот во Велс дека НАТО нема еднодимензионален сојузник, туку поширок однос кон безбендосните предизвици. Се плашам дека Русија сака да воспостави нов замрзнат конфликт и да етаблира руско влијание на соседството и да спречи соседските земји да бараат евроатлантска интеграција. Во интерес на Русија е да ги чува овие замрзнати конфликти во Придњестровје, Јужна Осетија, сега Крим и Источна Украинам но ние не треба тоа никогаш да го прифатиме, истакна Расмусен.
Според генералниот секретар на Алијансата, Русија не е итна закана за НАТО, бидејќи знае дека според „Членот 5” од Повелбата на Алијансата, се предвидува заштита на секој од сојузниците ако е нападнат. Со Русија е можно да се преговара, ако така одлучат, но не и со ИД, порача Расмусен, посочувајќи дека доколку на референдумот во четврток Шкотска се отцепи од Велика Британија, ќе мора да аплицира и да мине низ пристапниот процес за да стане членка на НАТО.
На крајот на овој месец, завршува петгодишниот мандат на Расмусен како генерален секретар, по што неговото место ќе го заземе Јенс Столтенберг.