Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен изјави денеска дека нема причини да верува оти безбедноста на оваа организација е загрозена со наводно американско шпионирање на европските партнери.
Германското списание „Шпигел“, цитирајќи тајни документи, минатата сабота објави дека САД ги прислушувале канцелариите на ЕУ во Брисел и продреле во интерната компјутерска мрежа на Унијата.
Во „Шпигел“ е спомената и поврзаноста на наводната шпионска афера со НАТО, односно податокот дека пред пет години безбедносни агенти на Унијата воочиле неколку пропуштени повици, кои довеле во врска со канцелариите на американската Национална безбедноста агенција (НСА) во седиштето на НАТО во Брисел.
Запрашан да го искоментира извештајот на „Шпигел“, Расмусен рече дека нема информации за можни простории на НСА во рамки на американската мисија при НАТО.