Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска изјави дека Исламската Република е одлучна во врска со претстојните нуклеарни преговори во Виена на кои сака да ги обезбеди правата на своите граѓани со тоа што ќе осигура укинување на санкциите против земјата.
Тоа го изјавил во телефонски разговор со рускиот колега Владимир Путин, пренесува Фена, повикувајќи се на агенцијата ИРНА.
Истакнувајќи ја решеноста на Иран да ги прошири трговските и економските односи со Русија, Раиси рекол дека Техеран е подготвен да го финализира сеопфатниот договор за соработка меѓу двете земји.
Тој додал дека Техеран и Москва имаат многу заеднички точки на меѓународната сцена, вклучително и борбата против унилатерализмот и зајакнувањето на мултилатерализмот.
Раиси ја цени поддршката на Русија за иранските нуклеарни права и потребата од укинување на сите санкции кон Техеран. Тој, исто така, ја поздрави иницијативата на Русија за враќање на мирот и стабилноста во регионот на Кавказ.
Двете страни истакнаа дека нема да прифатат никаква промена на геополитиката во регионот.
Путин ја изрази поддршката на неговата земја за изработка на сеопфатен документ меѓу двете земји, нагласувајќи дека Москва е решена да го спроведе договорот што е можно поскоро.
Истакнувајќи дека Москва придава големо значење на подобрувањето на економските односи и финализирањето на заедничките инвестициски програми со Иран, Путин рече дека двете земји се обидуваат да го зголемат нивото на билатерална, регионална и меѓународна соработка.
Осврнувајќи се на соработката на двете земји во регионалните прашања, особено во Сирија, Путин рече дека „со заедничка работа успеале да ја зачуваат независноста на Сирија и да го уништат терористичкото жариште во земјата“.
– Се разбира, мора да продолжиме со нашата блиска соработка, особено во разни регионални области.
Рускиот претседател изрази поддршка за правата на иранскиот народ во однос на нуклеарното прашање и изрази надеж дека во идните преговори страните ќе имаат доволно политичка волја за излез од сегашната ситуација.