Рускиот претседател Владимир Путин, во своето новогодишно обраќање, изјави дека „враќањето дома“ на полуостровот Крим ќе остане една од најважните пресвртници во историјата на Русија.
– Љубовта кон татковината е едно од најмоќните и највозвишените чувства. Таа во целост се искажа во братската поддршка на жителите на Крим и Севстопољ, кога тие цврсто одлучија да се вратат дома. Тој настан засекогаш ќе остане една од најважните пресвртници во историјата на татковината, истакна Путин.
Неговото обраќање први можеа да го видат жителите на рускиот Далечен исток, неколку часови пред Москва, каде вообичаено се прикажува нешто пред полноќ.
Путин им се заблагодари на граѓаните на Русија на единството и подготвеноста да ги бранат интересите на земјата во годината што заминува, пренесува Танјуг.
– Сега, кога ги резимираме резултатите од годината што изминува би сакал искрено да ви се заблагодарам за единството и солидарноста, за длабокото чувство за праведност, чест и правда и одговорност за судбината на својата земја, за цврстата подготвеност да ги браните интересите на Русија, да бидете заедно со неа во деновите на триумф и во деновите на искушение, да тежнеете кон исполнување на нашите најсмели и најкрупни планови, истакна Путин во ТВ обраќањето.
Шефот на руската држава истакна дека во Новата година „секој мисли пред се на доброто на своето семејство, им посакува здравје и среќа на своите блиски“, а истовремено од среќата и успехот на секој човек се создава просперитетот на Русија.
Тој како пример за исполнување на плановите ги наведе Олимписките игри во Сочи, за кои, до пред неколку години, се сметало дека се само сон.
– Сонот не само што се исполни – ние не само што се подготвивме и ја реализиравме најдобрата зимска Олимпијада во историјата, туку и победивме во неа. За таа победа заслуга имаат сите граѓани на нашата земја – и самите олимпијци, и оние кои ги поддржаа, рече рускиот претседател.