Поранешниот претседател на каталонската Влада, Карлес Пуџдемон, кој отпатува во Брисел откако на регионалните власти на Каталонија им беа одземени сите надлежности, денеска истакна дека е подготвен да се кандидира на предвремените регионални избори, кои шпанската централна Влада ги распиша за 21 декември.
– Подготвен сум да бидам кандидат. Можно е да се води кампања од секаде. Ние себеси се сметаме за легитимна Влада. Мора да постои континуитет со цел да му се каже на светот што се случува во Шпанија. Не можам со Влада која е во затвор да имам избори кои ќе бидат неутрални, независни и нормални, изјави Пуџдемон за белгиската државна телевизија РТБФ.
Претходно денеска, Европската унија одби да интервенира по повод европскиот налог за апсење на Пуџдемон, кој се очекува да го издаде Шпанија.
– Тоа е во целост прашање на правосудните органи, чија надлежност комплетно ја поддржуваме, изјави портпаролката на Европската комисија Аника Брајнхарт.
Според претходните најави, шпанскиот судија кој ја води истрагата за каталонските сепаратисти денеска треба да издаде европска потерница за апсење на разрешениот каталонски лидер.
Адвокатот на Пуџдемон, претходно изјави дека шпанскиот Врховен суд веќе издал европски налог за апсење на неговиот клиент, како и за уште четворица министри од неговиот разрешен Кабинет, кои се во Белгија.
Разрешениот потпретседател на каталонската Влада, Ориол Жункерас изјави дека неговото апсење е „цената што ќе ја плати за слободата на Каталонија“.
Жункерас испрати писмо до сепаратистичкиот весник „Ара“ во кое вели дека заедно со поранешниот министер за надворешни работи Раул Ромева се согласиле дека „ако цената за слободата на Каталонија е да одиме во затвор, тогаш ќе ја платиме таа цена“.
Тој го опиша настојувањето на Шпанија да се спречи прогласување на незавиност од страна на каталонскиот регионален Парламент, како обид „тие да се фрлат на колена“.
Истовремено, Жункерас ги повика сепаратистичките каталонски партии одвоено да учествуваат на предвремените избори.