Британското Министерство за храна, животна околина и рурални средини (Дефра) соопшти денеска дека случај на птичји грип е откриен на една фарма за патки во Англија.
Тревогата била покрената откако заразата е откриена кај една од патките во фармата во англиската област Источен Јоркшир, па ветеринарните власти наредиле итно колење и палење на околу 6.000 домашни птици колку што има на фармата. Во круг од десет километри воспоставена е целосна забрана за движење, за да се спречи ширење на заразата.
Птичјиот грип мошне брзо се шири меѓу домашните птици и е погубен за нив, а може да се пренесе и на луѓето, но според британските здравствени власти, таквата можност е многу мала.
Во соопштението на Министерствито се истакнува дека откриениот птичји грип на фармата во источен Јоркшир не претставува закана за јавното здравје.
Ова е прв случај на птичји грип на една живинарска фарма во Англија, по 2008 година, кога кокошките во фарма во областа Оксфоршир беа заразени со овој вирус на грип.
Откритето за птичји грип на англиска живинарска фарма, доаѓа по вчерашното соопштение на властите во Холандија дека на фарма со кокошки во оваа земја има висок степан на зараза со овој вирус.
Холандската влада веднаш наложи тридневна целосна забрана на секаков транспорт на живина и јајца по целата територија на Холандија, за да се спречи ширењето на заразниот вирус.