Првата група сириски бегалци која организирано ќе пристигнат на територијата на Велика Британија, ќе бидат сместени во Глазгов, соопштија шкотските власти.
Луѓето ќе бидат смесетени во градот и во околните населби, откако со специјален авион ќе пристигнат на глазговскиот аеродром.
Пристигнувањето и сместувањето на Сиријците е дел од програмата што претходно ја најави британскиот премиер Дејвид Камерон, според која, до пред крајот на оваа година, во Велика Британија треба да бидат згрижени илјада бегалци.
Станува збор за бегалци, кои од Турција, преку Грција и „балканската рута“ одат кон богатите земји на ЕУ, туку за луѓе кои досега биле сместени во бегалски кампови во земјите во соседството на Сирија.
Најголемиот број од оние илјада лица, кои треба да дојдат во Велика Бритабија до Нова година, се бегалци од камповите во Либан.
Шкотскиот министер за Европа и за меѓународен развој, Хамза Јусаф изјави за локалните медиуми дека доаѓањето на бегалците претставува „гордост за цела Шкотска“, затоа што земјата на тој начин го покажува гостопримството на Шкотланѓаните и нивната спремност да им се помогне на луѓе во неволја.
Следната група, која со чартер лет ќе биде префрлена од земјите од Блискиот Исток кои граничат со Сирија, треба да биде сместена во реонот на општината Барнет во северен Лондон.
Според претходно направената шема за прием, сириските бегалци ќе бидат сместени и во Брадфорд, каде веќе постои бројна муслиманска заедница, но и во Ковентри и уште во неколку општински центри.
Велика Британија која одбива да прима имигранти од „европската квота“, уште на почетокот од бегалската криза најави дека во наредните пет години ќе прими 20 илјади бегалци, сите од бегалските логори во блискоисточниот регион.