Осумдесет и тригодишен маж од селото Долхоњ во областа Свидник е првата жртва на надојдените води во Словачка, јави дописникот на МИА од Прага.
Неговото безживотно тело било пронајдено изутрината во близина на надојден поток, откако неговата сопруга пријавила дека отишол да се прошета и не се вратил дома.
Поројниот дожд изминатите неколку дена го покачи нивото на реките и потоците особено во североисточниот дел на земјата.
Ситуацијата е најлоша во областа Кежмарок, Стари Љубовни, Сабинов и Бардејов.
Градот Прешов, каде во дел од улиците има вода повисока од 20 сантиметри прогласи вонредна состојба иако населението се уште не се евакуира.
Во повеќе градови, особено во Кошицкиот регион интервенирале пожарникари, а илјадници домаќинства се без електрична енергија.
Дождот го подигна и нивото на реките во северноисточна Моравија, Чешка, каде во неколку градови е прогласен втор степн на опасност од поплави.
Најголем проблем е силниот ветер во регионот кој предизвикува паѓање на дрвја и прекин на дел од сообраќајот. Според метеоролозите во овој регион врнежите од дожд ќе продолжат и денеска.