Првата трансплантација на матка од мајка на ќерка во светот е извршена од страна на шведски истражувачки тим во Гетеборг.
Операцијата е извршена изминатиот викенд во Салгренска болница, при што две жени добија нови матки, кои ги донирале нивните мајки.
На едната од нив претходно и била отстранета матката поради лекување на канцер, додека другата жена е родена без матка. И двете се на 30-годишна возраст.
Жените се чувствуваат добро, но се уморни, се наведува во прес-соопштението на Гетеборшкиот унивезитет. Исто така се наведува дека мајките кои ги донирале матките, добро го поднеле оперативниот зафат.
Во двете операции учествувале десетина хирурзи, а како резултат на обемна истражувачка работа која започнала од 1999 година.
Зафатот бил сметан за контроверзен, така што шведскиот Совет за етички прашања барал специјален безбедносен комитет да документира се што истражувачкиот тим правел во врска со трансплантациите.
Доколку двете жени врз кои е извршена трансплантација на матка, останат бремени, породување ќе биде извршено со царски рез. Се очекува дека пресадените матки би можеле да издржат најмногу две деца.
Порано се извршени две трансплантации на матки, во Саудиска Арабија и во Турција, но не од мајки на ќерки, туку од други донатори.