Јапонија денеска се простува од поранешниот премиер Шинзо Абе кој беше убиен во јули.
На државниот погреб на премиерот со најдолг стаж во историјата на земјата присуствуваат 4.300 лица, меѓу кои 700 странски претставници.
Убиството на 67-годишниот Абе, кој беше застрелан на предизборен митинг на 8 јули, ја шокираше Јапонија и светот.
Функцијата премиер ја извршуваше повеќе од осум години во два мандати (од 2006-2007 и од 2012-2020), а беше најпознатиот јапонски политичар на национално и на меѓународно ниво. Шинзо Абе ќе влезе во историјата со неговата активна надворешна политика и стимулирање на економијата преку буџетско трошење и квантитативно олеснување.
Сепак, Јапонија е далеку од обединета денес во својата тага за Абе, со остри контроверзии и протести по тоа прашање последните недели. Пред објектот каде што се одржува државниот погреб се собрани демонстранти кои не се согласуваат со одлуката погребот на Абе да биде државен настан.
Покојниот поранешен јапонски премиер беше и омразен од многумина поради неговите ултралиберални економски и националистички ставови, неговата желба да го ревидира пацифистичкиот устав на земјата и вмешаност во голем број политичко-финансиски скандали.
Мотивот за убиецот на Абе – неговите наводни врски со Црквата на обединување (основана од страна на пречесниот Мун), обвинета за големи финансиски притисоци врз членството – дополнително го извалка имиџот на поранешниот јапонски премиер.
Безбедносните мерки во Токио денеска се исклучително строги. Околу 20 илјади полицајци се распоредени низ јапонската престолнина, од кои околу 2.500 како засилување се пристигнати од префектурата.
Јапонската новинска агенција „Кјодо“ пишува дека „не може поинаку со толку високи странски гости“. Меѓу нив се американскиот потпретседател Камала Харис, индискиот премиер Нарендра Моди, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах.
Погребот на Абе е втор државен погреб во Јапонија од крајот на Втората светска војна. Првиот беше оној во 1967 година кога премиерот Шигеру Јошида беше погребан со највисоки државни почести заради неговите заслуги за повоената обнова на земјата.