Протест на руската амбасада во Лондон поради „скандалозната“ изјава на принцот Чарлс

Од:

Руската амбасада во Лондон вложи денеска остар протест поради „скандалозната и шокантна“ изјава на британскиот престолонаследник, принцот Чарлс, во која тој ги изедначува сегашните постапки на Русија и на претседателот Владимир Путин, во Украина, со она што го правеше нацистичка Германија, во текот на Втората светска војна.

Заменик амбасадорот Александар Крамаренко побара прием во Форин Офисот и од британското Министерство за надворешни работи побара официјално објаснување за постапката на принцот.

Со реакција денеска се огласи и Министерството за надворешни работи во Москва, кое оцени дека она што го рече Чарлс е „без секаква основа“.

Портпаролот на Министерството му порача на престолонаследникот Чарлс, како член на кралското семејство, да се придржува до позицијата што ја има монархијата во британското општество и во државата, според која, тој и другите од семејството, треба да бидат видени, но не и да бидат слушанати што зборуваат.

Според британскиот Устав, кралицата Елизабета и другите членови на кралското семејство немаат право да даваат политички изјави или да коментираат политички состојби, затоа што тоа право им припаѓа на Парламентот и на Владата.

Во Канада каде се наоѓа во посета, принцот Чарлс во провинцијата Нова Шкотска, се сретна и разговараше со имигрантите од Полска кои побегнале од својата земја, пред наездата на хитлеровата војска.

Во кусиот разговор со некои од нив, станало збор за времето од пред повеќе од 75 години, кога нацистичка Германија ги заземаше една по друга европските држави, па во еден момент Чарлс го изјавил она што предизвика бранување во Канада, Лондон и во Москва.

– Сето тоа не е различно од она што сега се случува со Русија и од она што го прави Путин, рекол престолонаследникот Чарлс.

Неговата службена резиденација, Кларенс Хауз во Лондон, одби да го коментира „инцидентот“, оквалификувајќи го како „приватен разговор“.

Владата во Лондон, го одмолче случајот, а заменик премиерот Ник Клег се согласи дека „принцот има право на свое приватно мислење“.

Опозиционите лабуристи и партијата УКИП, меѓутоа, му порачаа на Чарлс да не се меша во политиката.

Би можело да ве интересира

Поранешен шеф на МИ-6 тврди: Европа е во војна со Русија

Рјабков: Русија ќе го натера Вашингтон да стресе и да замолчи

Големиот напад на Русија врз украинските електрани, експлозии низ целата земја

ВИДЕО: Пукање во центарот на Москва

Предраг Петровиќ

Русија ќе продолжи да лансира интерконтинентални балистички ракети

Ракета погоди станбена зграда и градинка во Украина, загинаа две лица