Британските власти вложија официјален протест до Владата на Шпанија, обвинувајќи ја шпанската погранична полиција за предизвикување „намерни проблеми“ на граничниот премин при влез и излез на возила од Гибралтар, пренесе PressTV.
Поради овој инцидент, британскиот министерот за надворешни работи Вилијам Хејг, телефонски разговарал со својот шпански колега, соопшти Форин Офисот.
Владата во Гибралтар тврди дека возилата без потреба, морале да чекаат и по повеќе од шест часови во долги колони, поради необјаснивите проверки и претресувања на возилата што влегуваат и излегуваат од оваа британска територија на крајниот југ на Пиринејскиот Полуостров.
Ваквата постапка почнала во петокот наутро и продолжила се до неделата во доцните часови. Официјален Мадрид не го коментираше инцидентот, ниту објасни зашто се почнало со проверки кои обично не се прават. Се огласи само полицијата на Гибралтар која на својата интернет страница соопштува дека од утрово, влезот и излезот од територијата кон Шпанија се одвиваат „нормално и со вообичаените задржувања“.
Според првиот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо шпанските власти намерно го предизвикале инцидентот во изминатите три дена и го поврзува со неколкугодишниот спор на оваа територија со Шпанија, околу правото на рибарење во водите кои едната страна ги третира како британски, а другата како шпански и меѓународни.
Минатата недела властите во Гибралтар подигнаа вештачки брегови од бетон. Шпанците твдат дека тие се поставени за да се блокираат упадите на нивните рибарски бродчиња во водите на Гибралтар.
Шпанија и Велика Британија веќе 300 години спорат околу ова важно стратешко парче земја на шпанска територија во близината на влезот во Медитеранот. Уште од 1713 година, Гибралтар е во посед на Велика Британија, како нејзина прекуморска територија.