Европската унија (ЕУ) и Велика Британија ни денеска не успеаја да постигнат договор за основните принципи на договорот што ќе важи откако земјата конечно ќе го напушти блокот, а преговарачите изјавија дека постои објективен ризик тоа дури и да не се случи.
Ова предизвикува загриженост за долгорочните економски последици доколку не биде постигнат договор пред крајот на годината, пишуваат американските медиуми.
Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, изјави дека „во моментов договорот е малку веројатен и Велика Британија не е подготвена да се помрдне од мртвата точка за правилата за риболов и правилата за конкуренција по Брегзит“, јави Би-Би-Си.
-Со своето одбивање да се обврзе на условите за отворена и фер конкуренција и избалансиран договор за риболов, Велика Британија во моментов трговскиот договор го прави малку веројатен, кажа тој пред новинарите по состанокот во Лондон.
Тој додаде дека договорот ќе треба да биде усвоен најдоцна до октомври, за да може да биде ратификуван пред да заврши сегашниот транзициски период по Брегзит во декември.
Преговарачот на Велика Британија, Дејвид Фрост, исто така, рече дека ги наведува риболов и конкуренцијата како области каде се уште има значителни разлики.
-Останува значителен јаз во најтешките области, а тоа се риболовот и конкуренцијата. Отсекогаш бевме јасни дека нашите принципи во овие области не се едноставни позиции за преговарање, туку очекување дека во реалноста на крајот од транзицискиот период ќе бидеме целосно независна земја, рече Фрост. .
Тој додаде дека договорот е можен доколку ЕУ ги промени своите ставови со кои настапува во преговарите.
Велика Британија официјално се повлече од членството во ЕУ на 31 јануари и во моментов преговара со Брисел за идните трговски врски што ќе се одвиваат по преодниот рок даден на Лондон до крајот на годината.