Пропаднаа преговорите во Холандија за составување на четирипартиската коалиција по парламентарните избори во март поради разликите во однос на миграциската политика, пренесува БТА.
Преговорите се водеа меѓу Народната партија за слобода и демократија на досегашниот премиер Марк Руте – која доби најмногу гласови на изборите на 15 март, демохристијаните, центристичката партија Демократи 66 и еколошките Зелени леви.
– Не се успеја. Преговорите меѓу партиите завршија и нема да доведат до нов кабинет, рече посредничката во преговарачкиот процес Едит Схиперс пред новинарите во Хаг.
Лидерите на четирите партии од самиот почеток изјавија дека ќе биде тешко да ги надминат идеолошките разлики.
Сега Руте треба да бара нови коалициски партнери, забележуваат медиумите, наведувајќи дека е можно е тој да се обиде да состави поконзервативна коалиција меѓу неговата партија, демохристијаните, Демократи 66 и партијата Христијански унија. Таква владејачка коалиција би имала помало мнозинство во парламентот.