Финската Влада денеска ги објави првите резултати од двегодишниот експеримент со гарантирана плата за невработени, завршен пред еден месец, кој, спротивно на очекувањата, покажа дека тоа не ги мотивирало корисниците да работат и на тој начин да заработуваат повеќе.
За време на овој експеримент, 2.000 невработени Финци станаа првите Европјани кои добиваа гарантирани лични примања, добивајќи секој месец од државата чек, без разлика дали нашле работа или седат дома.
Во финската Институција за социјално осигурување (Кела) велат дека „се уште не е можно да се донесе конечен заклучок“ од овој експеримент, во кој случајно избраните невработени Финци добиваат гарантирана плата од 560 евра месечно, ослободени од данок.
Од Келе истакнуваат дека кај примателите на гарантирана плата се забележува намалување на стресот и јакнење на самодовербата во поглед на иднината, во однос на контролната група од 5.000 луѓе кои примаат социјална помош.
Финска бара начини да го преобрази својот систем за социјална заштита и во јануари 2017 година стана првата европска држава која започна ваков експеримент кој треба да заврши во 2020 година.