Под урнатините на својата куќа, која била разурната пред седум дена од катастрофалниот земјотрес во Непал, бил жив извлечен еден старец на 101-годишна возраст, кој моментно се наоѓа во болница.
Претходно денеска е соопштено дека спасувачки екипи пронашле други тројца преживеани во едно планинско село во Непал. Двајца мажи и една жена се извлечени од урнатините во близина на селото Сјаули.
Тие веднаш биле пренесени во блиската воена болница, каде им била укажана медицинска помош. Други детали засега не се познати.
Оваа област, 60 километри западно од Катманду, е најтешко погодена од земјотресот со интензитет од 7,8 степени според Рихтерова скала, кој минатата сабота го погоди Непал, при што загинаа 7.074 луѓе.