Војската на режимот на Башар ал Асад денеска продолжува со жестоки напади против востаниците во јужните делови на Дамаск и подготвуваат конечен удар за заземање на блискиот град Дара, кој веќе еден месец е под опсада, тврдат локални активисти.
Сирискиот центар за набљудување на човековите права, кој располага со широка мрежа информатори во земјата, јави за борби во главниот камп за палестински бегалци Јармук, каде против бунтовниците се борат војници и палестински борци, лојални на режимот.
Две бомби експлодираа во текот на ноќта во јужниот кварт Кадам, ракета падна во Јармук и северната населба Барзе. Во југоисточнот дел се водат жестоки борби, меѓу бунтовниците кои се решени да влезат во Дамаск и армиските сили кои контролираат осумкилометарска зона околу главниот град, наведуваат активистите.
Армијата околу Дара добива ново засилување. Веќе 28. ден по ред силите на Асад се обидуваат да влезат во градот, се тврди во соопштение на активисти од градот.
Борби се водат и во северниот град Алепо и во јужната провинција Дара.
Според податоците на Сирискиот центар за набљудување на човековите права во целата земја вчера се убиени 92 лица, од кои околу 30 во Дамаск и околината.
Од почетокот на бунтот против режимот во март 2011 година, според Сирискиот центар за набљудување на човековите права има повеќе од 43.000 жртви.