Советот на ЕУ денеска усвои продолжување на санкциите против Русија поради агресијата врз Украина за уште шест месеци, до 31 јануари 2023, јави дописничката на МИА од Брисел.
Овие санкции прв пат се донесени во 2014 кога започна дестабилизацијата на Украина и оттогаш се пролонгираат за шест месеци секој пат.
Од 24 февруари оваа година, кога започна инвазијата на Украина од страна на Русија, санкциите станаа значително поостри и сега покриваат голем дел од руската економија и извоз, во финансискиот сектор, енергијата, технологијата, индустријата, транспортот и луксузните предмети.
Освен овие санкции, ЕУ има и други пакети рестриктивни мерки специфични за Русија поради други прашања како анексијата на Крим и Севастопол и за инвазијата на Доњецк и Луганск. Овде станува збор за друг сет на санкции. Тие содржат замрзнување на имот и забрана за патување како и индивидуални санкции.
Извор: МИА