Поранешниот британски министер Питер Манделсон е изложен на силен притисок во британската и американската политичка јавност, за да не учествува на бизнис форумот во Русија кој Западот го бојкотира.
Манделсон, кој во еден мандат беше еврокомесар во Брисел,се обвинува дека со своето учество на форумот во Санкт Петербург ја „поткопува“ британската надворешна политика, додека, според лондонските проториевски весници, „ризикува да биде означуван како лакеј на Владимир Путин“.
Притисокот врз овој угледен лабуристички политичар е засилен по наредбата на премиерот Дејвид Камерон до актуелните министри во Владата, да го бојкотираат меѓународниот бизнис форум, што се организира по углед на оној во швајцарскиот зимски центар Давос.
Во Лондон се тврди дека забраната до министрите, за собирот во Сенкт Петербург, треба да биде „британскиот одговор на руската анексија на Крим“.
Водството на опозициската Лабуристичка партија, исто така, повика на бојкот на форумот,а официјален Вашингтон побара од високите функционери во Волстрит, во Њујорк,да не одат во Русија,затоа што присуството на форумот би претставувало „несоодветна порака“ за Москва.
Организаторите на овој економско-бизнис собир, во вториот по големина град во Русија,соопштија дека на него,меѓудругите,сигурно ќе присуствуваат извршниот директор на британската нафтена компанија „БП“ како и првите луѓе на „Прајсвотерс и Куперс“, на „Џонсон и Џонсон“ и на „Пепси Кола“ кои имаат големи бизнис зделки во Русија.
Од руска страна се знае дека на форумот ќе бидат нафтените компании „Газпром“ „Лукоил“ и „Роснефт“ како и низа богати руски бизнисмени,што на Западот се означуваат како „сојузници на Путин“.
Питер Манделсон на двапати беше министер во владите на Тони Блер,а беше во владата и во време на Гордон Браун.Сега е лорд и член на Горниот дом,каде активно учествува во парламентарните дебати.Во исто време,тој е и директор на руската „Сестина“,која претставува широк конгломерат од компании и фирми, за годишна плата од 250 илјади евра.
Главен акционер во „Сестина“ е руската компанија за висока технологија РТИ која неодамна направи зделка со руската влада за да изработи ракетен систем за рано предупредување.Со РТИ раководи поранешниот премиер Евгениј Примаков, кој е соосновач на руската татковинска партија Целокупна Русија. Преставник на Даунинг стрит 10 во Лондон одби да го коментира учеството на еден угледен британски парламентарц и политичар на фориумот.„Она што го прави лорд Манделсон не е работа на владата„-изјави овој претставник.