Милитантната палестинска организацја Хамас потврди дека седум нејзини припадници загинале во еден тунел на границата, што се користи за илегален влез во Израел и за изведување терористички напади, откако тунелот попуштил, додека луѓето работеле на неговото зацврстување.
Според Хамас, тунелот попуштил поради силните и обилни врнежи од дожд во североисточниот дел на границата на Газа, со Израел, каде се случил инцидентот.
Милитантите од Хамас, користат вакви тунели кои се наоѓаат на границата на појасот Газа со Израел и со Египет, за шверц и префрлање оружје и муниција, како и за транспорт на дефицитарни производи за исхрана и разни други стоки.
Израелската армија уништи десетици вакви тунели, во текот на конфликтот со Хамас, во 2014 година, но припадниците на оваа милитантна организација тврдат дека повеќето од нив биле обновени.
Израел ја имаше под своја контрола територијата на Газа по војната на Блискиот Исток, во јуни 1967 година. Во 2005 израелската војска целосно се повлече од појасот, при што беа повлечени и сите еврејски доселеници.
Во 2007 година, Израел и Египет воведоа блокада врз Газа, откако милитантниот Хамас ги протера припадниците на ривалската палестинска организација Ал Фатах и целосно ја презеде контролата врз Газа.
Египетската армија ги поплавувше тунелите на својата страна од границата, во текот на минатата година, по што соопшти дека 90 отсто од тунелите биле уништени.