Исландската влада ја определи благосостојбата на граѓаните како прва ставка во својот годишен буџет, јавува Би-Би-Си.
Според премиерката на таа островска земја Катрин Јакобсдотир треба да се преземат нови и пошироки мерки за подобрување на животот на луѓето. Таа вели дека иникаторите зад традиционалните податоци за бруто домашен производ не ги земаат предвид социјалниот развој и благосостојбата на луѓето.
Оваа теорија е поддржана и од лауреатот на Нобеловата награда за економија Џозеф Стиглиц. Според него, мерењето на БДП не ги зема предвид влијанието на економијата врз животната средина, глобалните климатски промени, нееднаквоста, дигиталните услуги и другите основни елементи на современите општества.
Во Исланд, еден од приоритетите на Владата во однос на грижата за граѓаните е токму глобалното затоплување и неговото влијание.
На прашањето дали државен буџет, целосно фокусиран на благосостојбата на граѓаните е можен во поголемите земји, Јакобсдотир рече дека е поважно како се приоритизира државниот буџет.
– Земјите во развој треба да преземат ризици и да ја прифатат обновлива енергија наместо да ја повторуваат индустријализацијата со емисиите на стакленички гасови, рече Јакобсдотир.