Американската воена лабораторија испратила примероци од жив антракс и во три лаборатории во Канада, објави весникот „Ју-Ес-Еј тудеј“, повикувајќи се на изјави на двајца анонимни претставници на Министерството за одбрана на САД.
Властите наведоа дека примероци од жив антракс се испратени во Канада од една од двете лаборатории во Јута, одговорни за превоз на биолошки материјал.
Ова е објаснето по минатонеделното откритие дека примероците од таа бактерија по грешка се испратени во 11 американски држави и уште во две земји.
Пентагон засега официјално не ги коментираше овие тврдења.
Истрагата на американските власти за примероци на жив антракс, кои по грешка се испратени од една воена лабораторија во Јута ширум САД, покажа дека уште една група примероци од бактеријата е испратена во Австралија.
Пентагон призна минатата недела дека најмалку 18 владини, универзитетски и комерцијални лаборатории добиле живи примероци од антракс од една воена лабораторија во Јута, каде во 2014 година требале да бидат уништени.