Претставници на Парламентарното собрание на ОБСЕ за човекови права денеска оценија дека давањето вонредни овластувања на унгарската Влада за време на пандемијата на коронавирусот, без поставување краен датум на траење, е „опасен чекор кој ја поткопува демократијата во таа земја“.
– Ковид-19 веќе зеде голем број жртви, но се плашам дека демократското владеење во Унгарија сега е сериозно загрозено. Недостигот на парламентарен надзор или јасен датум на завршување на вонредната состојба е многу загрижувачки развој на настаните и се надевам дека граѓаните на Унгарија ќе побараат Парламентот да се врати на централното место во донесувањето одлуки , изјави Кирјакос Хаџијани, претседател на Генералниот комитет за демократија, човекови права и хуманитарни работи на Парламентарното собрание на ОБСЕ.
Потпретседателот на комитетот Михаил Георг Линк од Германија вели дека на многу земји им биле дадени вонредни овластувања за борба против кризата, но дека недостигот на парламентарен надзор е особено загрижувачки во Унгарија, се вели во соопштението на ОБСЕ.
„Не можеме да дозволиме Парламентот да биде маргинализиран во оваа борба за здравјето на нашите општества“, рече тој.