Претседателските избори во Сомалија ќе се одржат на 15 мај, јави државната телевизија, пренесувајќи изјава од парламентарната комисија задолжена за подготовка на долго одложуваното гласање.
Мандатот на претседателот во заминување Мохамед Абдулахи Мохамед истече во февруари 2021 година, но жестоката борба за власт и безбедносните проблеми спречија одржување избори.
Како што пренесе Бгнес, во земјата, особено во главниот град Могадишу, во последните месеци имаше серија напади во пресрет на долго одложуваните избори.
Сомалија е најтешко погодената земја на Рогот на Африка, која се соочува со најтешката суша во последните децении. Обединетите нации предупредуваат дека 4,1 милиони луѓе, четвртина од населението на Сомалија, имаат потреба од итна помош во храна.
Во 2021 година во земјата се регистрирани околу 7.500 случаи на морбили – двојно повеќе отколку во 2019 и 2020 година заедно, а околу 60.000 луѓе се изложени на ризик да заболат од стомачни заболувања, вклучително и колера, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Сушата предизвикува и миграциска криза. Сушата и раселувањето ги зголемуваат другите ризици за децата, вклучително и од вооружените групи во Сомалија, каде што исламистичката милитантна група Ал Шабаб контролира големи области. Според УНИЦЕФ, во 2021 година, 1.200 деца, од кои 45 девојчиња, биле регрутирани и користени од вооружени групи, а уште 1.000 деца биле киднапирани.
Извор: МИА