Претседателски избори во Чешка

Од:

Во вечерните часови денеска ќе се знае идниот претседател на Чешка, кој ќе го наследи Вацлав Клаус кој на претседателската функција беше два мандата по пет години и според Уставот не може повторно да се кандидира, јави дописникот на МИА од Прага.

По првиот изборен круг кој се одржа на 11 и 12 јануари меѓу девет кандидати најголем број на гласови освоија поранешниот премиер и поранешен шеф на социјалдемократите Милош Земан и актуелниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг.

Левичарскиот претседателски кандидат Земан освои 24,21 проценти од гласовите додека за конзервативецот Карел Шварценберг гласаа 23,40 отсто од избирачите.

За новиот чешки претседател право да гласаат имаат над 8,4 милиони регистрирани избирачи, а вчера, на првиот ден од вториот круг, интересот за гласање беше голем.

Бидејќи битката за тоа кој ќе биде нов станар во познатиот Прашки замок е речиси изедначена, двајцата кандидати со секојдневни интервјуа и соочувања се трудеа да ги придобијат гласовите на помалку успешните кандидати или неопределените гласачи кои ги има околу 50 проценти.

Последната анкета покажува дека Земан со поддршка од 50 проценти е во предност пред Шварценберг за кого се изјасниле 46 проценти од Чесите кои имаат право на глас.

Ова се први историски претседателски избори на кои чешките граѓани гласаат за претседател на државата. Претходно, шефот на државата се бираше во сложена постапка од двете комори на Парламентот. Надлежностите на новиот претседател на Чешка, кој има плата од 186.300 круни месечно (7.500 евра) не се занемарливи. Тој има право да именува и отповикува членови на Владата, судии, претседател и заменик на претседателот на Уставниот суд и назначува претседател и заменик претседател на Врховниот суд.

Шефот на чешката држава простува и ублажува казни изречени од судот и може да го распушти Домот на пратениците. Тој потпишува закони и има право да го врати на повторно разгледување еднаш усвоениот Закон од парламентарците, со исклучок на уставниот Закон. Претседателот на државата, исто така, именува претседател и заменик-претседател на Врховната ревизорска канцеларија и членови на одборот на Чешката народна банка.

Самостојна Чешка досега имала двајца претседатели. Прв претседател на Чешка беше Вацлав Хавел, кој почина на 18 декември 2011 година.

Би можело да ве интересира

Маж со нож рани три лица на бензинска пумпа во Прага

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица

(ВИДЕО) Судар на возови во Чешка: четворица мртви, десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Чешкиот претседател имаше сообраќајка, пренесен е во болница

(ВИДЕО) Торнадо во Чешка подигна трамболина, а камењата летаа насекаде

Ден на жалост во Чешка