Околу 235.780 граѓани на Исланд со право на глас денеска ќе избираат претседател, а како главни претенденти се актуелниот шеф на државата Олавур Рагнар Гримсон, кој се бори за петти мандат, и Тора Арнорсдотир – млада немажена мајка на три деца и новинарка без политичко искуство.
Според анкетите спроведени од март досега, шеесет и девет годишниот Гримсон е во предност, а претходно за фаворит важеше 37-годишната новинарка.
Најновото истражување на „Галуп“ минатата недела покажа дека социјалистот Гримсон ја има поддршката на 44,8 проценти од испитаниците, наспроти 37 отсто за неговата противкандидатка, која минатиот месец ја прекина кампањата на неколку недели поради породувањето со нејзиното трето дете.
Освен овие двајца, на денешните избори за претседател ќе учествуваат уште четворица кандидати, кои според анкетите имаат значително помала поддршка од Гримсон и Арнорсдотир.