Претседателот на Нигер Махамаду Јусеф ја обвини Либија за дестабилизација на регионот јужно од Сахара. Во изјава за група домашни и странски новинари, претседателот Јусеф рече дека Либија „продолжува да биде извор за дестабилизација на земјите во подсахарска Африка“.
Неговата изјава доаѓа по двата вооружени напади, што се случија во Нигер минатата недела, на две различни локации. Во нападите на една воена касарна, како и на рудникот за ураниум кој е во сопственост на една француска компанија, беа убиени 24 нигерски војници и еден цивил. Безбедносните сили на Нигер, помогнати од франциските специјалци успеаја да ликвидираат 11 исламистички милитанти.
Безбедносни експерти тврдат дека зад двата напада на нигерската територија стојат силите на алжирскиот милитантен водач Моктар Белмоктар.
Неговиот „Крвав батаљон“ води војна по регионот за исламистички џихад во Западна Африка, користејќи ја нечуваната и од никого обезбедена територија на југот на Либија, како упориште и база за своите борци. Белмоктар сега војува и против француските сили кои ја „чистат“ територијата на Мали од исламистичките сили кои за малку ќе ја преземеа контролата на целата земја.
Нигерискиот претседател Махамаду Јусеф и порано предупредуваше дека соборувањето на Моамер Гадафи ќе предизвика дестабилизација на Либија, како и на земјите во нејзиното јужно соседство, меѓу кои и Нигер. Либиската внатрешна дестабилизација, по ликвидацијата на Гадафи се посочува како причина и за нападот врз алжирската рафенерија за гас, на алжирско-либиската граница, во која беа киднапирани и убиени десетица странци.