Пресудна година за иднината на ЕУ

Од:

Гласот на Америка – Вашингтон

Експертите предвидуваат дека овогодишните избори во Велика Британија, Данска, Естонија, Грција, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска, ќе одлучат дали Европската унија може да опстане.

Многу аналитичари сметаат дека 2015 година ќе биде пресудна за иднината на Европската унија, која се наоѓа под се поголем удар на европската екстремна десница, но и на екстремната левица.

Се до неодамна, малкумина сметаа дека во Шпанија и Грција стапката на невработеност од 25 отсто ќе трае со години. Уште помалку беше веројатно дека екстремните десничарски и националистички партии ќе го загрозат приматот на традиционалните партии кои се на власт од Втората светска војна до денес. Ниту пак некој предвидуваше дека шест и пол децении подоцна опстанокот на ЕУ би бил доведен во прашање. Европејците се се повеќе разочарани во Унијата, која не успева да ги реши економските, политичките и социјалните проблеми, кои траат веќе долго време, смета Адријано Босони, аналитичар на Стратфор.

– Европската унија е градена со цел да обезбеди траен мир и просперитет на стариот континент. Унијата се уште го постигнува првото, но се помалку го исполнува другото. Владите на многу земји членки на Унијата денес се под притисок националните приоритети да ги ставаат над одлуките на Брисел, кои често се со антиевропски карактер, вели Босони.

Според него, тој тренд почна по избивањето на глобалната финансиска криза во 2008 година, која ни по шест години не е совладана во Европа.

– Процесот кој почна како финансиска криза еволуираше во криза на невработеност и болни мерки за штедење, применети главно неволно во презадолжените земји на еврозоната. Тоа доведе и до огромен јаз меѓу гласачите и владејачките политички елити, како и до јакнење на партии кои до неодамна беа сметани за маргинални. Додека се на удар на критики, бидејќи ја прифаќаат и применуваат рестриктивната политика пропишана во Брисел, вели Босони.

Меѓу Европејците владее став дека Германија, четврта по големина економија во светот, а најголема во Европа, наметнува сопствени решенија без оглед на последиците, оценува Клајд Престович, основач и претседател на Институтот за економска стратегија.

– Вкупната европска економија на некој начин е германизирана. Берлин препорачува германски модел за високо штедење, скромна потрошувачка, високи инвестиции и високи извози. Германија, која единствена има високи суфицити и поради тоа единствено таа може да пружи кредити, јасно предочи дека нема намера да ги финансира долговите на презадолжените членки, без реформи во нивните економии, додава Престович.

Според него, додека долговите и мерките за штедење се главна тема на југот на Европа, имиграциската политика на Брисел преовладува во дебатите на нејзиниот север.

– Тие се противат на доаѓањето на азиланти и бегалци од Сирија и африканските земји. Некои се против дури и на доаѓањето на имигранти од поранешните источноевропски земји, како што е тоа случај во Велика Британија, Данска и Шведска. Тие ја критикуваат слободата на движење на луѓето, бидејќи не сакаат конкуренција на ефтина работна сила, вели Престович.

Темелите на ЕУ ги поткопуваат и сецесионистичките сили како што се движењето за независност на Шкотска во Велика Британија и на Каталонија во Шпанија, меѓутоа, според него, најголема неволја за Европа е можниот успешен референдум за излез на Велика Британија од Унијата во 2017 година.

– Самиот премиер Дејвид Камерон предложи референдум за да ги подобри шансите на својата партија на парламентарните избори. Во случај да дојде до тоа Британците да се одлучат да го напуштат блокот, тоа ќе биде на иницијатива на лидерите на третата земја по важност во Европската унија, додава Престович.

Престович и Босони предупредуваат дека поразот на Европската унија, која колективно претставува најголема економија на светот, би имало кобни последици за меѓународниот поредок во целина.

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп