Основниот суд Скопје 2 му изрече пресуда на Беким Фазлиу во износ од 500.000 денари без судски трошоци, поради изнесени невистинити факти штетни за честа и угледот на министерот за правда Блерим Беџети.
Пресудата, како што изјави адвокатот на тужителот Беџети, Емил Мифтари, е донесена на 8 мај 2014 година, а се однесува на серијата напади од страна на Беким Фазлиу што започна на 24 јуни 2013 година, а во која тој изнесува невистини за наводното учество на Беџети во раздавање наркотици во скопската дискотека „Шери“.
Фазлиу, како што се наведува во соопштението, со наслови и коментари, лажно обвинува дека Блерим Беџети бил фатен при раздавање наркотоци во една скопска дискотека, а овие напади ги продолжува и од собраниската говорница.
– Овие напади пратеникот Фазлиу ги продолжува и следните неколку дена, се додека е актуелен случајот „Шери“. Министерот Беџети уште тогаш потврди дека бил присутен во дискотеката, но негираше каква било поврзаност со настаните во кои беше вмешана полицијата, се вели во писменото соопштение до медиумите од адвокатот Мифтари.
Основниот суд Скопје 2, како што се додава во соопштението, наведува дека иако тужителот побарал јавно извинување од страна на тужениот, сепак, до тоа не дошло и затоа, според сите докази кои се земени предвид во текот на постапката, Судот утврдил дека тужениот во повеќе наврати, изнел невистинити факти кои се штетни за неговата чест и углед.