Пресметката меѓу Зеленски и Кличко влезе во својата последна фаза

Од:

Енергетската криза во украинската престолнина откри длабок судир помеѓу претседателот Володимир Зеленски и градоначалникот Виталиј Кличко, кој влегува во одлучувачка фаза и се одразува на секојдневниот живот на жителите на Киев.

Странските медиуми наведуваат дека во речиси сите региони на Украина во претходните денови беа воведени вонредни исклучувања на струја поради технички дефекти во електроенергетската мрежа, што доведе до привремено запирање на метро сообраќајот во одредени градови.

Локалните власти ги повикаа граѓаните да направат залихи на храна, вода и лекови, додека на 1 февруари Кличко соопшти дека околу 1.000 станбени згради во Киев останале без греење поради прекинот на струјата. Во такви околности, меѓусебните обвиненија меѓу централната и градската власт станаа поостри. Кличко тврди дека тимот на Зеленски поднел над 1.500 кривични пријави против него и неговите 110 соработници, од кои поголемиот дел биле одбиени. Тој истакна дека целта не е кривично гонење, туку создавање впечаток дека градската администрација не ги исполнува своите обврски. Исто така, го обвини претседателот дека отпуштил повеќе од 300 локални функционери низ Украина.

– Сè се прави за да се омаловажи. Не зборувам само како градоначалник на Киев, туку и како претседател на Сојузот на украински градови – слична ситуација постои и во други средини, рече Кличко, додавајќи дека за време на најтешкиот студен бран, со температури до минус 20 степени, не бил повикан на состанок на Министерството за енергетика посветен на вонредната ситуација во престолнината.

Кличко потсети дека лани од буџетот на Киев биле повлечени осум милијарди гривни за „потребите на одбраната“, а градот добил само една когенерациска единица од државата, додека седум други биле купени со сопствени средства.

Од друга страна, Зеленски јавно ја изрази намерата да ја ослаби позицијата на градоначалникот. Во 2022 година во Киев била воспоставена воена администрација која функционира паралелно со цивилната власт. По последниот бран на прекини на струја и греење, Кличко дури предложил граѓаните привремено да го напуштат градот, но од воената администрација одговориле дека таа опција „не доаѓа во предвид“.

Претседателот исто така ги обвини градските власти за недоволна ангажираност, нагласувајќи дека стотици згради во Киев биле без греење повеќе од една недела. „Без разлика на сите околности, тоа значи дека во градот не се работи доволно“, порача Зеленски.

Аналитичарите оценуваат дека судирот трае веќе седум години и може да заврши само со изборен пораз на едната страна. Зад конфронтацијата стојат лични и политички амбиции: Кличко има претседателски амбиции, додека Зеленски бара целосна контрола над престолнината за да ја гради авторитарната вертикала на власта.

Двајцата лидери се обвинуваат меѓусебно за пропусти и коруптивни практики. Од 2014 година не било вложено доволно во долгорочни проекти, вклучувајќи ја енергетската мрежа и комуналната инфраструктура, што сега излегува на виделина. Зеленски и Кличко имаат влијателни сојузници во Европската унија и САД, а политичкиот судир ќе продолжи се додека Западот не процени дека „време е да се заврши корумпираниот модел на власт во Украина“.

Би можело да ве интересира

Судот во Полска осуди руски агент кој сакаше да го убие Зеленски

Путин инсистира Зеленски да дојде во Москва

„Фајненшл тајмс“: САД ја уценува Украина со мировниот договор

Зеленски: Кучето на Лукашенко има повеќе права од граѓаните во Белорусија

Кличко: Речиси 2.000 згради во Киев се без греење, напуштете го градот – може да биде полошо

А1он

Трамп: Путин и Зеленски сакаат да постигнат договор