Преговорите меѓу Северна и Јужна Кореја за комплексот Каесонг завршија без договор

Од:

Денешните преговори меѓу Северна и Јужна Кореја за обновување на активностите во заедничката индустриска зона Каесонг завршија без договор, но двете земји се согласија повторно да се сретнат следната недела во севернокорејско погранично гратче Панмунџом.

Специјалната индустриска зона сместена на границата меѓу двете земји, беше затворена во април годинава кога властите во Пјонгјанг им забранија на севернокорејските работници да одат на работа во фабриките на 123 јужнокорејски компании во Каесонг, по што тие беа принудени да ги затворат погоните.

Северна Кореја се реши на ваквиот чекор во знак на протест поради одржувањето на заедничките американско-јужнокорејски воени вежби. Во време на затворањето на комплексот, односите меѓу Сеул и Пјонгјанг беа затегнати и поради третата нуклеарна проба што Северна Кореја ја изведе во февруари.

Пред извесно време Сеул и Пјонгјанг изразија желба Каесонг повторно да проработи, но засега се уште разгледува начинот како тоа да се направи.

Претставници на јужнокорејските фирми што работеа во заедничката индустриска зона денеска го посетија комплексот и извршија инспекција на опремата за која беа загрижени дека може да е уништена за време на сезоната на дождови.

Каесонг се темели на јужнокорејско знаење и евтината севернокорејска работна рака. Фабриките во овој последен голем заеднички корејски проект, каде беа вработени над 800 Јужнокорејци и околу 53.000 Севернокорејци, остваруваа годишен приход од околу две милијарди долари.

Би можело да ве интересира

Пјонгјанг: САД создаваат азиско НАТО

Ким Џонг-Ун: Ова е историски момент

Северна Кореја истрела повеќе од 200 артилериски гранати, Јужна Кореја евакуираше цивили

Најмалку 37 луѓе загинаа, а десет се водат за исчезнати во огромните поплави во Јужна Кореја

Кореец се обиде да ја отвори вратата од авионот сред лет, екипажот го врза

Горан Наумовски

„Кралот на криптовалутите“ од домашен притвор се враќа во затвор

Горан Наумовски