Уверливата предност што британската Конзервативна партија на премиерката Тереза Меј до неодамна ја имаше пред лабуристите и другите партии, сега на две недели пред предвремните парламентрани избори во Велика Британија е значително намалена и изнесува само пет отсто, покажува најновото истражување на агенцијата „Југав“.
Доколку изборите би се одржале сега, конзервативците би освоиле 43 отсто од гласовите на Британците, додека Лабуристичата партија на левичарот Џереми Корбин би добила 38 проценти. На третата позиција, далеку зад првите две, е партијата Либерални демократи, која бележи пораст на својот рејтинг и би можела да смета на 10 отсто од гласовите. На четвртата позиција е антиевропската десничарска Партија за независноста на Обединетото Кралство (УКИП) со поддршка од четири отсто.
Разликата меѓу конзервативците и лабуристите од пет отсто е најмала откако во јули минатата година, Тереза Меј го наследи Дејвид Камерон на премиерската функција, по неговата оставка по поразот на референдумот за ЕУ.
Лабуристите кои практично беа отпишани во трката за овие предвремени избори, бележат раст на рејтингот од три отсто во споредба со минатата недела. Сегашната подршка од 38 отсто од гласачкото тело е највисока што партијата ја има откако Корбин е лидер на лабуристите од септември 2015 година.
Ваквото менување на расположението на гласачкото тело претставува изненадување за домашната политичка јавност, особено што кога Меј се одлучи за предвремени избори, во исто време додека нејзината Влада се подготвува за тешките преговори околу Брегзит со ЕУ, очекувањата беа дека конзервативците не само што ќе победат, туку и ќе остварат „историски резултат“.
Во тој момент, конзервативците имаа 22 отсто предност пред лабуристите, па се навестуваше изборен дебакл на партијата на Корбин и нејзин најтежок пораз во историјата.
Уверливата победа на конзервативците требаше да и овзможи на Меј „одвзани раце“ во преговорите и дури „тврдо пазарење“ со Брисел, според принципот кој од порано се промовира – доколку не се постигне договор, нема ништо страшно да се случи, имајќи предвид дека премиерката во една прилика изјави дека „подобро е излез без договор, отколку лош договор“ за Велика Британија.
Во таа еуфорична атмосфера, која на конзервативците им е потребна за преговорите за Брегзит, што би требало да почнат за дваесетина дена, се даваа изјави дека првпат ќе биде „освоена и Шкотска“, иако ториевската партија таму никогаш немала силна подршка.
Евентуалната мала разлика на изборите на 8 јуни нема да го постигне саканиот ефект со одлуката за предвремени избори – силен мандат за Меј и Владата, освен што доколку таа сепак победи, ќе си обезбеди сопствен премиерски мандат, што досега го немаше.