Речиси третина од сите згради во холандскиот дел на карипскиот остров Свети Мартин се уништени, а повеќе од 90 отсто од објектите се оштетени како последица на разорниот ураган Ирма, соопшти денеска холандскиот Црвен крст.
Припадници на Црвениот крст прегледале 5.500 објекти, а проценката ја изнесоа и врз основа на фотографии доставени од холандското Министерство за одбрана.
Ураганот Ирма усмрти најмалку четири лица во холандскиот дел и деветмина во францускиот дел. Материјалната штета е огромна на обете страни на островот.
Островот Свети Мартин е поделен во 17. век на француска (Saint Martin) и холандска страна (Sint Maarten) и се простира на 87 километри квадратни.
Неговите 80.000 жители се етничка мешавина, главно од Африка, Европа и Азија. Двете страни на островот го споделуваат креолскиот јазик, кој многу се базира на англискиот речник.