Вкупно 740.000 жени се зад решетки, а повеќе од една четвртина се затворени во САД. Повеќе од 11,5 милиони луѓе моментално се во затвори и притворни центри ширум светот, покажуваат податоците на лондонскиот Институт за истражување на политиката за криминал и правда, кој води евиденција врз основа на базата на податоци на затворските власти во речиси секоја земја.
Трендот на пораст на населението зад решетки продолжува со децении, а земјата со најголем број затвореници е САД, со повеќе од два милиони затворени лица. Потоа доаѓа Кина, со 1,7 милиони затвореници, не сметајќи ги оние кои се во притвор, потоа Бразил со 811.000, Индија со 478.000 и Руската Федерација со 471.000.
САД го држат рекордот по бројот на затвореници на 100.000 жители – 629. Од тој број, 10 отсто се жени. Податоците исто така откриваат многу побрз раст на бројот на затворенички од машките затвореници од 2000 година насекаде во светот. Додека бројот на жени и девојки во затвор се зголеми за речиси 60 отсто, машката затворска популација се зголеми за околу 22 отсто. Според последното издание на Светската листа на затвореници, има вкупно 740.000 жени и девојки во затворите ширум светот, а повеќе од една четвртина или 200.000 се затворени во САД.
Интересно е што во Камбоџа денес има девет пати повеќе жени во затвор отколку во 2000 година. Во африканските земји уделот на затвореничките е само 3,3 отсто, наспроти 5,9 во Европа, 14,7 во Катар и речиси 20 отсто во Хонг Конг. Финска, Исланд, Малта, Португалија, Андора, Чешка и Белорусија се земјите со најголем број жени во затвори, односно повеќе од седум отсто.
Советот на Европа утврди дека просечната затворска казна во Европа трае 8,9 месеци. Најдолга просечна институционална санкција беше во Азербејџан – 35 месеци, потоа Португалија и Молдавија – 31 и во Русија – 29 месеци. Во Европа за секој затвореник дневно се трошат во просек по 77 евра.