Најновите сознанија посочуваат дека Русија стои зад подводните дејности во шведските територијални води во подрачјето на архипелагот кај Стокхолм, пишува „Свенска дагбладет“.
Како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, веќе во четвртокот шведското разнување регистрираше повик за помош на руски. Во петокот вечерта сигналното разузнавање на шведските вооружени сили повторно следеше радиосообраќај, овојпат криптиран, но едновремено е утврдено каде се наоѓале предавателите.
Едниот предавател се наоѓал во близина на заливот Канхолм, додека другиот бил лоциран во руската енклава Калининград, пишува „Свенска дагбладет“, укажувајќи дека овие податоци се потврдени од повеќе инстанци.
Доколку во шведските води навистина се движи оштетена руска подморница, тогаш првенствена цел за Русија е да се погрижи никој да не ја открие.
– Исходот би можел да биде таков што посадата би била оставена и жртвувана на смрт во подморницата или пак би им било дозволено да излезат на копно, вели Тоамс Реис, лектор при шведската Висока одбранбена школа.
Реис исто така истакнува дека податоците за оштетената руска подморница може да се сметаат за веродостојни и покрај тоа што Врховната команда на шведските вооружени сили не сака ниту да ги потврди ниту да ги демантира.
Во меѓувреме руското Министерство за одбрана ги демантираше ивештаите на западните медиуми за инцидентот со руската подморница.
– Подморниците од Воено-поморската флота на Русија, како и бродовите, ги извршуваат планираните задачи во светските води, изјави денеска портпаролот на Министерството.
– Немало никакви ситуации, надвор од планираното, ниту ситуации со хаварисани руски воени бродови, додаде тој.